речник контакт

Владиката Агатангел: Велигденско послание

1700 години од Миланскиот едикт, 1150 години од Моравската мисија на Кирил и Методиј, 100 години од Букурешткиот договор

Петар Печков

Драги мои духовни чеда,

Еве, повторно се наоѓаме пред портите на Небесата, го очекуваме нивното отворање и ангелската објава на благовеста за спасението на сите и на сé. Моментот на Воскресението е она чудо над чудата, кое ја осмислува секоја бесмисленост која ја доживуваме тука во овој живот земен, тоа е моментот кој ја онеправдува секоја неправда, тоа е моментот на победа на вистината наспроти лагата.
„Христос Воскресна“, вели светиот апостол Павле „и нашата вера не е празна и залудна“.

Да се обидеме, драги мои браќа и сестри, почнувајќи од овој Велигден да ги запаметиме овие зборови на апостолот, да ја зацврстиме нашата вера во нашите срца и во нашите умови. Никогаш не е доцна да ги усвоиме или да се вратиме на вистинските насоки и вистинските вредности во овој живот земен. Да се обидеме да бидеме добри, секаде и секогаш - најпрво, со нашите најблиски, со оние со кои го поминуваме најголемиот дел од нашето време, а потоа и со сите други. Можеби на тој начин, колку и да е неверојатно, ќе ја поттикнеме љубовта во нечие срце, а тоа е огромно спасоносно дело, па колку во моментот да ни се чини дека е мало и безвредно.

Возљубени мои Македонци и Македонки!
 
Со огромна духовна радост и посветеност, му благодариме на Бога и на неговата бескрајна милост што нé удостои нас денешните македонски православни христијани, со огромен духовен пиетет и национална предаденост и воздигнатост, да се потсетиме и да ги прославиме трите многузначајни духовни и национални јубилеи.

Годинава, се навршуваат 1700 години од објавувањето на Миланскиот едикт, документ кој не само што го запре безумното прогонство на Христовите следбеници во Римската империја, туку ги постави основните постулати на новото време и на новата цивилизација. Светиот цар Константин Велики, со потпис на еден документ го промени историското назадување и моралниот колапс на Римското царство. Совеста на светот и на општеството се промени, во иднина сé ќе мора да биде изградено врз темелот на доброто, праведното и возвишеното. После Миланскиот едикт, слободата како најголем Божји дар на човекот, ќе постане основниот темел и столб на секое идно општествено и државно уредување. Миланскиот едикт е резултат на христијанскиот поглед на свет, а ерата на христијанската цивилизација е придобивка која и ден денес ја живееме.

Годинава, исто така, ние Македонците имаме посебна причина за радост и веселие, бидејќи се навршија 1150 лета од почетокот на Моравската мисија на семакедонските просветители, покрстители и учители светите браќа Кирил и Методиј, кои најпрво го проповедаа Христовото спасоносно Евангелие во Македонија, меѓу својот македонски народ, а потоа го пренесоа и го раширија меѓу словенските народи по цела Европа. Од нивните плодови, и оние што подоцна ни ги оставија нивните свети ученици, Охридските чудотворци Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј милиони благочестиви христијански души и денес се хранат и се напојуваат. Ако Светиот цар Константин Велики преку Миланскиот едикт ни предал напатствие за правда и слобода, тогаш преку Моравската мисија на Светите браќа, а подоцна и преку Македонската мисија на нивните свети ученици, во залог за вечноста, ни бил оставен благочестивиот наук и просвета, која го прави нашето подвижништво оправдано и возвишено.

Годинава, за наша огромна жал, Македонија и македонскиот народ се сеќава на јубилејот на огромното европско лицемерие, празникот на неправдата, антипразникот на злото и апсурдноста. Пред точно 100 години во градот Букурешт, во име на некаков привиден и овоземски мир, на три дела беше расчеречено и распнато телото на македонскиот народ. Македонецот, слично како и Господа Исуса Христа, од страна на балканските фарисеи беше предаден на суд и погубение, а потоа ефикасно беше егзекутиран од страна на европскиот Понтиј Пилат.

Здружното ѕвечкање на фарисејските мечови не престанува и ден денеска да го нарушува нашиот спокој, а европското молчење, одобрување и подржување на овие накарадни дела и злосторнички намери до бол и неверување ја доведува секоја македонска душа. За наша огромна жал Европа, која за себе мисли дека го има монополот над редот и поредокот, поддржува и генерира безредие и анархија. Денес Европа, сметајќи се себеси за многу прогресивна во своите сфаќања, ќе дозволи посвојување на деца во истополови бракови, но нема да дозволи и ќе го проблематизира националното чувство на цел еден народ.

Букурешкиот договор, чин од 1913 г., со својата мрачна сенка сé уште ја покрива нашата древна татковина Македонија. Ако успееме да останеме единствени, сите нивни документи, прогласи и договори ќе бидат бесмислени и безвредни. Ве повикувам, возљубени мои сонародници, во името на Господа Исуса Христа, во името на св. Павле - апостолот кој ги христијанизирал нашите предци, доколку било кој се обиде да ни предлага промена на нашето древно и вековно име Македонија, нудејќи ни некаква привидна благосостојба, да застанеме исправено пред целиот свет и одлучно да кажеме едно големо НЕ!
 
Возљубени мои духовни чеда!

Семоќниот Бог нека ги слушне нашите молитви, нека биде присутен во сите наши мисли и дела, нека не крепи во здравјето и во нашите напори да бидеме подобри луѓе. Воскресението нека биде почеток за исправување на сите наши погрешни дела, Воскресението е почеток на доброто, кое секогаш победува.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »